Која сум јас?
Јас сум Ана Симоновска, повеќегодишен јога практикант и сертифициран јога учител.
Своето знаење и искуство го стекнав во рамки на три обуки за јога учители во Индија, илјадници часови лична практика и самостојно обучување, како и преку учество во бројни работилници и семинари.
Првата обука од 200 часови ја минав во 2018 година во престолнината на јогата, малото гратче во падините на Хималаите - Ришикеш. Тука систематски стекнав вештини од областа на хата јогата, правилното структурирање и водење на часовите, изучував аштанга винјаса, пранајама, медитација, философија, анатомија, пеење мантри…
Една година подоцна, повторно во Ришикеш, минав обука од 300 часови со фокус на јога терапија. Притоа се запознав со техниките кои ги нуди јога системот за одржување на оптимално здравје и справување со разни здравствени проблеми.
Во почетокот на 2020 година, ја минав и третата обука од 300 часови во прекрасната Варкала, јужна Индија, лулката на ајурведата. Освен што ги продлабочив и проширив постоечките знаења, во рамките на оваа обука стекнав низа нови вештини како јога на столче, основи на ајурведа, масажа, основи на индиската боречката уметност - калари…
Во 2017 зедов учество во работилницата по јога анатомија во Амстердам, водена од Џени Ли Тонер, искусен учител од Америка, во 2018 во Москва бев дел од работилницата по Аштанга Винјаса со Сузана Финочи од Италија, ученичка на Патаби Џоис, основоположникот на овој стил на јога, а во 2019 зедов учество и на семинарот по хата јога и прочистувачки техники со Алексеј Кравец на Бајкалското езеро.
Длабоко верувам во трансформативната и исцелителна моќ на јогата. Овој богат систем нуди за секого по нешто, без оглед на индивидуалните можности на практикантот. Се вели „секој може да практикува јога, само мрзеливиот не“. Тоа не значи дека секој може сѐ, туку дека за секого има нешто во јогата што би можело да му го подобри квалитетот на животот и да му помогне на патот на личната еволуција.